Соработка со здружението Пиколо Фјоре – студиско патување во Италија

Во периодот 24-28 јуни, 2015 г. наставничките Зујца Стојанова од ОУ „Гоце Делчев“- Конче, Нијаре Сулејмани и Ајше Љоки од ОУ „Лирија“- Тетово учествуваа во студиското патување во рамките на проектот „Ponti di Solidarieta“ организиран од страна на здружението Пиколо Фјоре во Италија и поддржан од НДЦ Скопје. Покрај учесниците од Македонија, учествуваа и организации и здруженија од Србија, Босна и Херцеговина, Либан, Косово и Палестина.

Целта на проектот беше да ја потенцираат потребата од поголема грижа за лицата со посебни потреби и да ја претстават работата на повеќе организации кои го третираат проблемот на социјализација и едукација на лицата со посебни потреби.

Организаторите непосредно ги претставија и ги запознаа учесниците со здруженијата Casa Lions во која се сместени лица со посебни потреби, работилницата Chiavezza каде младите со посебни потреби изработуваат најразлични предмети, здружението Џовани XXIII како и семејството Ајас кое се грижи за лица со посебни потреби.

Од страна на волонтерите во Домот за аутизам во Кандело на учесниците им беа презентирани нивните активности, просториите, материјалите и средствата со кои работат и на кој начин се трудат да ги оспособат децата со аутизам за самостоен и независен живот.

Учеството во овој проект им овозможи на учесниците одблиску да се запознаат со начинот на кој се третира проблемот со лицата со посебни потреби во Италија, но и во земјите од кои имаше претставници, да се разменат искуства, да се согледаат проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со посебни потреби, но исто така да се научи повеќе за луѓето што се вложуваат себеси за да им помогнат на лицата со посебни потреби на кои им е потребна помош, колку нивната мотивација, ентузијазам и свест за ваквите проблеми е на високо ниво.

Здружението Пиколо Фјоре е основано во 1984 година со цел поддршка на хуманитарната организација Domus Laetitiae. Активностите на здружението се насочени кон активности кои ја поддржуваат социјалната солидарност, главно, во областа на инклузијата и поддршката на лицата со посебни потреби. Здружението има блиска соработка со други групи и волонтерски организации во локалната заедница и е член на Социјалниот совет на волонтери за градот Биела, Италија.

Официјалната соработка меѓу Нансен дијалог центар Скопје и здружението Пиколо Фјоре беше воспоставена во октомври 2014 година кога претставниците изразија интерес за средба со НДЦ Скопје, со цел да се увидат можностите за идна соработка и размена на искуства меѓу двете организации, особено во областа на образовните програми.