Претставници на НДЦ Скопје во работна посета на Турција

Во периодот од 17 до 20 јуни 2013 год. дел од тимот на НДЦ Скопје предводен од извршниот директор Сашо Стојковски престојуваше на работна посета на Турција со цел да се претстави работата и достигнувањата на НДЦ Скопје во полето на интегрираното образование, како и да се воспостави и зајакне соработката со релевантните турски институции и организации.

На 17 јуни извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, и дел од тимот составен од Сонај Билал и Осман Емин, координатори за едукација при НДЦ Скопје, го посетија Истанбул каде реализираа средба со директорот на фондацијата „Академија за наставници Кајхан Карли“ и генералниот координатор Есра Акбаш. Целта на состанокот беше размена на информации и искуства поврзани со обуките на наставниците и работата на НДЦ Скопје и фондацијата „Академија за наставници“. Заедничките точки кои беа дискутирани ќе послужат како основа за понатамошна соработка меѓу двете организации. Следниот ден, 18 јуни, претставниците на НДЦ Скопје имаа можност да се сретнат со раководителот на Секторот за образование при „Градот Истанбул“, д-р Муамер Јелдез и да ја претстават работата на НДЦ Скопје во полето на интегрираното образование. По претставувањето на Нансен моделот за интегрирано образование и активностите во рамките на Тренинг-центарот беше дискутиран развојот на идната соработка меѓу НДЦ Скопје и оваа институција.

На 19 јуни претставниците на НДЦ Скопје се сретнаа со заменик-генералниот секретар на Општина Бурса, Неџмедин Шеночак. Заменик-генералниот секретар го изрази неговото позитивно мислење по однос на Нансен моделот за интегрирано образование и отворено разговараше по однос на можностите за идна соработка.

На последниот ден од посетата, 20 јуни, претставниците на НДЦ Скопје во Анкара се сретнаа со Хусеин Чардак, координатор за Балканот и Черен Ердал, координатор за Република Македонија во рамките на „Претседателството на Турците и роднинските заедници во странство“. Во текот на состанокот детаљно се разговараше за достигнувањата на НДЦ Скопје во полето на интегрираното образование, при што координаторите при „Претседателството на Турците и роднинските заедници во странство“ изразија желба во блиска иднина да ги посетат канцелариите на НДЦ Скопје и Тренинг-центарот, како и училиштата кои го применуваат Нансен моделот за интегрирано образование со цел остварување соработка меѓу организациите преку заеднички проекти. Истиот ден тимот на НДЦ Скопје реализираше средба со Мурат Фатса, координатор за развој на стратегии при Институтот „Јунус Емре“ во Анкара. Г. Фатса изрази интерес и желба за посета на училиштата кои го применуваат Нансен моделот за интегрирано образование со цел подобро запознавање на моделот и истовремено ја изрази подготвеноста на

Институтот за продлабочување на соработката со НДЦ Скопје.
Работната посета на Турција беше одлична можност за НДЦ Скопје за промоција на програмските активности имплементирани во Македонија и поблиско запознавање со релевантните турски институции кои изразија подготвеност за воспоставување соработка со НДЦ Скопје во блиска иднина.

До октомври 2013 год. НДЦ Скопје очекува неколку делегации од Република Турција да го посетат Тренинг-центарот и училиштата кои го применуваат Нансен моделот за интегрирано образование.