Online промоција на eduresurs.mk

Со задоволство би сакале да ве известиме дека на 07.04.2021. е промовирана првата интеркултурна воспитно-образовна платформа, како последен продукт на Нансен Дијалог Центар Скопје.

Нансен Дијалог Центар Скопје е организација која веќе дваесет години континуирано делува во воспитно-образовната сфера, со особен акцент и фокус на интеркултурното образование. Aктивностите и заложбите на НДЦ Скопје се систематски посветени на повеќе аспекти, со цел поддршка и развој на интеркултурни компетенции, како и интеркултурна трансформација и облагородување на севкупниот воспитно-образовен процес.

Интеркултурна воспитно-образовна платформа е градена и развиена како ризница на лесно достапни и широко применливи едукативни содржини и ресурси, со цел поддршка на воспитно-образовниот процес во одделенска настава.

Селектираните содржини се структурно поставени да ги следат воспитно-образовните цели предвидени за развојниот период од 6 до 10 години, како една од фазите кога учениците интензивно развиваат и усовршуваат многу вештини, совладуваат многу когнитивни, моторни операции и прошируваат разновидни предзнаења.

Истите нудат мноштво на приоди, идеи, игри и активности со кои дополнително би можел да се збогати воспитно-образовниот процес, а како особена придобивка на овие ресурси е вградената интеркултурна димензија. Истата е суптилно внесена преку промоција на јазични, културни, родови, физички, социјални, етнички посебности присутни како во локален, така и во глобален контекст. На овој начин наставните содржини, би ја добиле истовремено и интеркултурната карактеристика, како еден од поголемите предизвици на современото образование.

Сите содржини се достапни на три наставни јазици, односно на македонски, албански и турски јазик. Содржините се организирани во 6 подрачја: јазик, математика, наука, уметност, техника, општество. Секое подрачје нуди 20 различни активности, односно платформата во моментов е извор на 120 модел активности.
Интеркултурната платформа е достапна на следиов линк: www.eduresurs.mk

Во подготвувањето на понудените содржини беше вклучена поголема групна на докажани одделенски наставници, со успешни и добри практики, како и тимот за едукација при НДЦ Скопје.