Вовед

Нансен тренинг центарот за интегрирано образование креираше програма наменета за директори на мултиетнички основни и средни училишта, структурирана со цел да го овозможи запознавање на училишните директори со развојот, концептот и идејата за интегрираното образование, преку повеќе позитивни примери, искуства  и модели од неколку европски воспитно- образовни системи, кои беа појдовна основа при развивањето и градењето на Нансен модел за интегрирано образование во Р. Македонија.

За кого е наменета оваа обука?

Обука наменета за училишни директори, воедно има за цел да им понуди на училишните директори информации, знаења и вештини неопходни за креирање на стратегии за поддршка на Нансен модел за интегрирано образование во матични училишни опкружувања, како структурна компонента на годишните програми за работа на училиштата во насока на градење на етос на интегрирано училиште.

Преку обуката училишните директори ќе имаат и непосредна прилика за надградување на познавањата од областа на проектен менаџмент, како и од сферата на изнаоѓање и обезбедување на различни извори на финансирање на интегрирани училишта и нивната севкупна воспитно- образовна дејност.

Програмата за обука на училишни директори содржи четири повеќеслојни теми, т.е.:

  • Обележјата и придобивките на Нансен модел за интегрирано образование – како нова образовна инцијатива во македонскиот образовен систем и основа за градење на етос на интегрирани училишта во Р. М.
  • Проектен менаџмент во интегрирани училишта
  • Обезбедување на извори на финансирање на интегрирани училишта (fundraising)
  • Развој на концептот на интегрирано образование во Европа

Сите наведени теми е предвидено да бидат реализирани преку еднодневни обуки, подготвени од страна на домашни и меѓународни експерти од посочените области.

Обележја на обука за училишни директори се:

Интерактивен начин на работа, двојазичен/тројазичен приод, работа во мали групи, конструктивна групна дискусија, позитивно и стимулативно работно опкржување.

Сите учесници кои активно ќе ги поминат сите предвидени теми и предавања, ќе добијат сертификат од меѓународен карактер.