Вовед

Креирањето на Специјалистичката обука за Нансен модел во основно и средно образование произлезе како иницијатива која има за цел надградување на знаења, усовршување на вештини и компетенции на наставниците коишто се повеќегодишни реализатори на Нансен модел за интегрирано образование, истаканти во својата тандемска работа и реализација, како и за наставниците коишто континуирано учествуваат во организирањето на проектните училишни активности според Нансен модел за интегрирано образование.

Оваа програма е структуирана низ повеќе специфични области кои се базирани на повеќеслојни теми, кои ќе треба да ги познава, владее и промовира секој добар практичар на Нансен модел за интегрирано образование.

Програмата е мошне комплексна, нејзино реализирање е подолгорочен процес, низ кој секој учесник ќе има можност да биде инволвиран во процесот на лична трансформација во духот на идејата, визијата на интегрираното образование, а со интенција таа трансформација да биде пренесена, рефлектирана, инцирана во работа со учениците, родителите, другите претставници на нивните матични училишта.

Личната трансформација на вклучените тандеми, се надеваме ќе биде основа за идна позитивна трансформација на училиштата, благодарение на детектираните придобивки и бенефити на Нансен модел за интегрирано образование за целокупниот воспитно-образовен процес во Р. Македонија.

Учесниците коишто ќе бидат вклучени во овој вид на тренинг ќе имаат можност за развивање, стекнување и усовршување на следни три вида на вештини и компетенции, како стандари на програмата, т.е.:

  • персонални и интерперсонални компетенции
  • крос-курикуларни компетенции
  • когнитивни и креативни вештини

Цели на Специјалистичката обука за Нансен модел во основно и средно образование:

– Поттикнување на процесот на лична трансформација на наставниците
– Развивање на вештини за иновирање на процесот на реализација на НМИО
– Сензибилизирање за начини на промоција, градење, унапредување на концептот за интегрирано образование
– Развивање на способности за успешна, објективна и непристрасна квалитативна евалуација на излезните продукти на НМИО

Подрачја во програмата Специјалистичката обука за Нансен модел во основно и средно образование:

  • Етос на интегрирани училишта
  • Непристрасен приод во воспитно-образовниот процес
  • Позитивно училишно опкружување
  • Комуникација во интегрирано училишно опкружување
  • Квалитативно вреднување на интеркултурната компонента во училиштето

Во реализација на истите ќе бидат вклучени обучувачи од ТЦНМИЕ при НДЦ Скопје, како и домашни и меѓународни експерти за посочените области.

Обележја на Специјалистичката обука за Нансен модел во основно и средно образование

Интерактивен начин на работа
Двојазичен / тројазичен приод
Работа во мали групи
Групна дискусија
Симулации
Учење по пат на решавање на проблеми
Играње на улоги

Учесниците кои што активно ќе ги поминат сите предвидени теми, ќе добијат сертификат за завршена специјалистичка обука за Нансен модел во основно и средно образование.