Вовед

Нансен моделот за интегрирано образование е нов модел на образование кој претставува пример за образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини и огледало на идниот современ воспитно-образовен систем во Република Македонија и пошироко. Овој образовен модел ги негува, ги охрабрува и ги интегрира во себе: мултиетничките вредности, двојазичноста, образувањето и надградувањето како на учениците, така и на родителите, вработените и заедницата преку хармонични односи втемелени на почитување на разликите, градејќи притоа едно кохезивно мултиетничко семејство. Интенцијата на Нансен модел за интегрирано образование е градење на современи, успешни, ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима, конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

Користејќи го повеќегодишното искуство од работата во развојот на интегрираното основно и средно образование во Македонија, Тимот за образование, обука и развој при Нансен Дијалог Центар – Скопје го креираше овој пакет на основни обуки кој ги има следните цели:

  • Запознавање со карактеристиките, обележјата и придобивките од Нансен моделот за интегрирано образование;
  • Развивање на вештини за успешна непосредна реализација на интегрирани воннаставни активности во училишта со мултиетничка стуктура на ученици;
  • Оспособување за самостојно организирање и спроведување на интегрирани воннаставни активности;
  • Сензибилизирање за почитување на различности во училишно опкружување, како и надминување на стереотипи и предрасуди од социјален, етнички, културен карактер;
  • Оспособување за конструктивно решавање на конфликтните ситуации во групи со етнички хетероген состав;
  • Развивање и негување на позитивна емоционална клима во групата со хетерогена етничка структура;
  • Промовирање на важноста на индивидуализираниот пристап во согласност со индивидуалните потенцијали и способности на учениците;
  • Оспособување на реализаторите за правилна и успешна примена на тандемска и тимска форма на работа;
  • Препознавање на позитивните обележја и придобивки на игровниот метод во интегрирани воннаставни активности;
  • Сензибилизирање на реализаторите на интегрирани воннаставни активности за поддржување на детската љубопитност, оригиналност како и на нивните творечки потенцијали;
  • Запознавање со техники за поттикнување и развивање на логичното, флексибилното, дивергентното и критичкото мислење кај учениците;
  • Зајакнување на интеракција, соработка и доверба помеѓу наставниот кадар од различни етнички заедници.

За кого е наменета обуката:

Програмата на овие основни обуки е конципирана и стуктуирана за да им овозможи на сите наставници, педагози, психолози, директори на основни и средни училишта, како и на студенти од наставнички факултети и други заинтересирани субјекти да се запознаат со карактеристиките, обележјата и придобивките на Нансен моделот за интегрирано образование, како и да ги развијат вештините за успешна непосредна реализација на “Програмите за интегрирани воннаставни активности“ во училишта со мултиетничка стуктура на ученици

Структура на програмата за обука (основно ниво):

Програмата содржи 10 програмски подрачја. Циклусот обуки се реализира во текот на еден семестар. Теми на програмските подрачја се:

  • Обележја на Нансен моделот за интегрирано образование
  • Интеграцијата како линк помеѓу наставни и воннаставни содржини
  • Двојазичната компонента во воннаставни активности
  • Планирање и креирање на интегрирани воннаставни активности
  • Улогата на играта во интегрираните воннаставни активности
  • Форми, методи и техники на работа во интегрирани групи
  • Улогата и значењето на тимска и тандемска соработка
  • Надминување на стереотипи и предрасуди во етнички мешани групи
  • Видови на комуникација во двојазични групи
  • Ученици и родители-активни партнери во интегрирани училишта

Обележја на обуката:

  • Интерактивен начин на работа
  • Двојазичен приод
  • Работа во мали групи
  • Групна дискусија
  • Симулации
  • Учење по пат на решавање на проблеми
  • Играње на улоги
Учесниците кои што активно ќе ги поминат 90% од обуките ќе добијат:

– Сертификат за успешно завршена обука за интегрирано образование – основно ниво.
– Прирачник за наставници за Нансен моделот за интегрирано образование.