Вовед

Образованието во Р. Македонија се наоѓа пред крупниот предизвик како успешно да го изврши промовирањето на принципот на интеграција на учениците од различни етнички, културни групи, односно од различни говорни подрачја.

Повеќеслојниот процес на интеграција наспроти сегрегација, во современите воспитно-образовни институции треба да биде граден во насока на воспоставување на квалитетни, конструктивни релации не само помеѓу учениците, туку истовремено и помеѓу наставниците, стручните соработници, родителите како добар модел, пример за децата, а воедно и една од најважните алки во комплексниот воспитен синџир.

Нансен моделот за интегрирано образование е нов модел на образование кој претставува пример за образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини и огледало на идниот современ воспитно-образовен систем во Република Македонија и пошироко. Овој образовен модел ги негува, ги охрабрува и ги интегрира во себе: мултиетничките вредности, двојазичноста, образувањето и надградувањето како на учениците, така и на родителите, вработените и заедницата преку хармонични односи втемелени на почитување на разликите, градејќи притоа едно кохезивно мултиетничко семејство. Интенцијата на квалитетно интегрирано образование е градење на современи, успешни, ефективни воспитно-образовни установи кои ќе ги промовираат мултиетничките вредности, индивидуализираниот пристап кон учениците, позитивна емоционална клима, конструктивна повеќенасочна комуникација во пријатен и поттикнувачки училишен амбиент.

Цели на обуките:

  • Запознавање со концептот и идејата за интегрирано образование и негови посебности и карактеристики;
  • Сензибилизирање за почитување на различноста и другоста во поширокото општествено опкружување;
  • Поддржување на конструктивната соработка и интеракцијата помеѓу наставниот кадар, како и помеѓу образовните институции од различни општини на територија на Р.М.;
  • Оспособување за квалитативна евалуација на содржинската компонента во учебникарската литература;
  • Запознавање со позитивни примери и искуства за успешна имплементација на интегрираното образование;
  • Развивање на идејата за интегрирано образование во македонски општествен контекст;
  • Креирање на стандарди за евалуација на различни видови на интегрирани активности.

За кого е наменета обуката:

Програмата на обуките е конципирана и стуктуирана така за да им овозможи на сите наставници, педагози, психолози, социолози, директори на основни и средни училишта, како и на претставници на повеќе образовни институции во Р.М. како што се БРО, Државен просветен инспекторат, но и на други заинтересирани субјекти да се запознаат со идејата, концептот на Нансен модел за интегрирано образование како современа образовна тенденција и тренд.

Структура на програмата за обука (напредно ниво):

Програмата содржи 6 програмски подрачја како комбинација од предавања, работилници и практична работа. Циклусот обуки се реализира во текот на еден семестар. Теми на програмските подрачја се:

  • Интегрирано образование како образовен тренд и тенденција
  • Националниот курикулум како предуслов за интегрираното образование
  • Учебникарска литература за основно и средно образование во контекст на концептот за интегрирано образование
  • Дизајн на мултиетничко училишно опкружување
  • Развој на идејата за интегрирано образование во македонски општествен контекст
  • Евалуација на структурните компоненти на концептот за интегрирано образование

Обележја на обуката се:

  • Интерактивен начин на работа
  • Двојазичен приод
  • Работа во мали групи
  • Групна дискусија
  • Симулации
  • Учење по пат на решавање на проблеми
  • Играње на улоги
Учесниците кои што активно ќе ги поминат сите предвидени теми, ќе добијат сертификат за завршена обука (напредно ниво) за интегрирано образование.