Доделување на сертификати за учесниците од група 10

На 2 јуни 2015 година на учесниците од група 10 од Столац, Прозор/Рама и Мостар им беа доделени сертификати за успешно завршено основно ниво на обука за интегрирано образование. На настанот присуствуваа министерот за образование на Херцеговина – Кантон Неретва г. Златко Хаџиомеровиќ, извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски, извршниот директор на НДЦ Мостар, Елвир Џулиман, менаџерот на Тренинг центарот при НДЦ Скопје, Билјана Крстеска-Папиќ и координаторот за едукација при НДЦ Скопје, Сонај Билал.

НДЦ Мостар во партнерство со НДЦ Скопје го имплементира проектот ,,Обука на наставници за интегрирано образование” која вклучува 18 наставници и училишни директори во програмата за градење на капацитетите наменета да го промовира интегрираното образование во Херцеговина – Кантон Неретва. Проектот е финансиски поддржан од Кралската амбасада на Норвешка во Босна и Херцеговина.

Програмата за основното ниво на обука беше изработена и структурирана да им овозможи на наставниците да чујат повеќе за карактеристиките, спецификите и придобивките од Нансен моделот за интегрирано образование и истовремено да ги развие вештините за успешна реализација на интегрирани активности во училиштата со мултиетничка структура на ученици.

Наставниците вклучени во проектот ќе бидат одговорни за имплементацијата на интегрирани образовни програми според Нансен моделот во своите училишта почнувајќи од следната учебна година.