Имплементација на напредниот пакет на обука за интегрирано образование

Во периодот септември- декември, 2013 г. наставниците од првата и втората група го завршија напредното ниво на обука за интегрирано образование во рамките на Тренинг центарот при НДЦ Скопје. 

Целите на напредното ниво на обука се следните:

  • Запознавање со концептот и идејата за интегрирано образование и неговите посебности и карактеристики;
  • Сензибилизирање за почитување на различноста и другоста во поширокото општествено опкружување;
  • Поддржување на конструктивната соработка и интеракцијата помеѓу наставниот кадар, како и помеѓу образовните институции од различни општини на територија на Р.М.;
  • Оспособување за квалитативна евалуација на содржинската компонента во учебникарската литература;
  • Запознавање со позитивни примери и искуства за успешна имплементација на интегрираното образование;
  • Развивање на идејата за интегрирано образование во македонски општествен контекст;
  • Креирање на стандарди за евалуација на различни видови на интегрирани активности.

Напредното ниво на обука се реализираше според следната структура:

40 часа од програмски подрачја: принципи, цели и задачи на интегрирано образование; националниот курикулум како предуслов за интегрирано образование; учебникарска литература за основно и средно образование во контекст на концептот за интегрирано образование; дизајн на мултиетничко училишно опкружување; развој на идејата за интегрирано образование во македонски општествен контекст; евалуација на структурните компоненти на концептот за интегрирано образование;

10 часа на тема: интегрирано образование како глобална образовна тенденција, тренд и потреба; улогата на наставникот во општеството во процес на развивање интегрирани училишта; училиштето во 21. век и предизвиците на турскиот образовен систем; етос на интегрирано образование во Северна Ирска; добри практики на интегрирано и мултикултурно образование во Босна и Херцеговина и Хрватска;

10 часа евалуирање на  резултати на интегрирани воннаставни активности и креирање годишна програма за интегрирани воннаставни активности.

Програмата за обука претставува комбинација на теоретски и практични активности со цел да им овозможат на наставниците да стекнат дополнителни вештини и компетенции околу политиките и практиките на интегрираното образование.