Доделени сертификати за успешно завршено основното ниво на обука за Група 12 и 13

На 11 март 2017 година, учесниците од група 12 и 13 успешно го завршија основното ниво на обука во рамки на Тренинг центарот за интегрирано образование при НДЦ Скопје. Учесниците го заокружија овој циклус обуки со учество на предавањата со меѓународни експерти во рамките на конференцијата “Улогата и важноста на интеркултурализмот во образованието” организирани од страна на НДЦ Скопје. Учесниците присуствуваа на предавања подготвени од страна на меѓународните експерти- обучувачи кои се дел од Тренинг центарот при НДЦ Скопје; Паула Меклвејн, Совет за интегрирано образование на Северна Ирска (NICIE), Пол Роу – извршен директор на „Educate Together“- Република Ирска и Стеинар Брин  од Нансен центарот за мир и дијалог, Норвешка. По предавањата, на учесниците им беа доделени сертификати за успешно завршено основно ниво на обука за интегрирано образование. Сертификатите беа доделени од страна на советникот на министерот за образование и наука, г-дин Сафет Незири.