Втората група учесници успешно го завршува специјалистичкото ниво на обука

На 23 мај, 2017 Тренинг центарот при НДЦ Скопје го одбележа успешното завршување на специјалистичката обука за Нансен модел и приод. Учесниците од Група 2 присуствуваа на завршното предавање предвидено за овој модул на обука. По предавањето, на учесниците им се обратија советникот на министерот за образование и наука, Сафет Незири и извршниот директор на НДЦ Скопје, Сашо Стојковски кои им честитаа на учесниците за успешно завршената програма и воедно ги доделија и сертификатите.

Креирањето на Специјалистичката обука за Нансен модел во основно и средно образование произлезе како иницијатива која има за цел надградување на знаења, усовршување на вештини и компетенции на наставниците коишто се повеќегодишни реализатори на Нансен модел за интегрирано образование, истаканти во својата тандемска работа и реализација, како и за наставниците коишто континуирано учествуваат во организирањето на проектните училишни активности според Нансен модел за интегрирано образование.

Личната трансформација на вклучените тандеми, се надеваме ќе биде основа за идна позитивна трансформација на училиштата, благодарение на детектираните придобивки и бенефити на Нансен модел за интегрирано образование за целокупниот воспитно-образовен процес во Р. Македонија. Втората група учесници го започнаа специјалистичкото ниво на обука во ноември, 2016 година.